27 марИзвестување

Ве известуваме дека на ден 1-ви Април 2010 г. (четврток) во 20:45 часот Форумот за безбедност и АБ Телевизија организираат дебата на тема БЕЗБЕДНОСНАТА КУЛТУРА во Р.Македонија.
Го очекуваме Вашето присуство.


14 мар„Учество на предавањето на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на тема: Перење пари и компјутерски криминал”

На 11. март 2010 год. во Центарот за обука во Идризово, пред студентите на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски” од Битола, беше одржано предавање од страна на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на тема: Перење пари и компјутерски криминал.

Министер за внатрешни работи на Република Македонија

На настанот, како претставник на Форумот за безбедност учествуваше Жаклина Јованова – магистрант на Факултетот за безбедност, која воедно и развива конкретен научен интерес од областа на компјутерскиот криминал.

На предавањето, министерката Јанкуловска, освен што ги презентираше резултатите на македонската полиција во борбата против перењето пари и компјутерскиот криминал, истакна и дека „Перењето пари и компјутерскиот криминал се инкриминации што спаѓаат во редот на т.н софистициран криминал кој многу често има меѓународен карактер. Токму поради тоа и единиците кои работат на ваквите проблематики, треба да бидат одлично екипирани, со модерна опрема и пред се добро разработена соработка со странските полиции, во делот на размена на информации и меѓусебна координација”.

Инаку, на предавањето му претходеше потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Универзитетот “Свети Климент Охридски“, односно Факултетот за безбедност.

Форумот за безбедност го поздравува ваквиот облик на тематско обраќање на министерката Јанкуловска кое, меѓу другото, е во функција и на развивање на научно-теориската дејност од областа на безбедноста и воедно упатува честитки до Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност за потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу овие две институции.

Скопје, 12 март 2010 година

Претседател на Форумот за безбедност

Гоце Аризанкоски

12 марПокана

Почитувани,

Здружението на припадници на безбедносните сили – “ДОСТОИНСТВО” упати покана до претседателот на Здружението Форум за безбедност г-дин Гоце Аризанковски за присуство на нивното генерално собрание кое ќе се одржи во Универзална сала – Скопје на 14-03-2010 год. (Недела) во 11:30 часот.

Воедно во поканата беше упатен поздрав до сите членови на Форум за безбедност и истите се поканети да присуствуваат на генералното собрание.

Потпретседател на Форум за безбедност

Јорданчо Тодосиев

12 марРЕАЛИЗИРАНА АКТИВНОСТ НА ФОРУМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

„Учество на средбата организирана од страна на Лудвиг Болтцман Институтот за човекови права и Европската мрежа против сиромаштија по повод јавниот повик за заедничко основање на Македонска платформа против сиромаштија”

На 11. март 2010 год. во просториите на Комисијата на Европската делегација, во организација на Лудвиг Болтцман Институтот за човекови права и Европската мрежа против сиромаштија се одржа средба по повод основањето на Македонска платформа против сиромаштија. На (првата) средба земаа учество граѓански асоцијации кои се активни на полето на намалување на сиромаштијата и социјалното вклучување, т.е. невладини организации, фондации, синдикати и други релевантни актери, како што се социјалните работници, истражувачите и.т.н..

По тој повод, а врз основа на јавниот повик на организаторите на оваа средба, Форумот за безбедност одлучи дека во согласност со мисијата, визијата и статутарно утврдените цели на здружението, потребно е да се даде активен придонес и кон оваа иницијатива.

На средбата по повод наведената иницијатива, како претставник на Форумот за безбедност свое учество зема Сандра Томовска – член на Надзорниот одбор на здружението која ги презентираше ставовите на Форумот во врска со безбедносните импликации на појавите на сиромаштија и социјална исклученост.

ИЗВАДОЦИ ОД СИНТЕТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ НА ФОРУМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО ВРСКА СО БЕЗБЕДНОСНИТЕ ИМПЛИКАЦИИ НА ПОЈАВИТЕ НА СИРОМАШТИЈАТА И СОЦИЈАЛНАТА ИСКЛУЧЕНОСТ

Форумот за безбедност по повод инизцијативата за основање на Македнска платформа против сиромаштија изнесе синтетизирани ставови за безбедносните импликации од развивањето на појавите на сиромаштијата и социјалната исклученост, а со цел, како граќанско здружение кое делува во областа на безбедноста да даде активен придонес кон оваа иницијативата која во иднина се очекува да стане членка на Европската мрежа против сиромаштија.

  1. 1. Извадоци од воведните напомени

…Уште Платон ги забележал сиромаштијата и богатството како два непријатели на добрата држава против кои законодавецот треба еднакво да се бори. Тргнувајќи од оваа филозофска претпоставка, а во комбинација со долгата историја на сиромаштијата во општествата и државите, која историја се протега до онаму до каде се протега и историјата на самото општество, може да се истакне дека врз основа на закономерностите кои ја детерминирале оваа општествена појава во минатото и во денешното современие, постојат индикатори дека појавата на сиромаштија уште долго ќе претставува значаен елемент во структурата на општествената стварност, па оттука и на одредени држави во светот…

…Сиромаштијата освен своите општопознати манифестации на недостаток на приходи и производни ресурси за обезбедување одржливи средства за живот; глад и неисхранетост; нарушено здравје; ограниченост или непостоење на пристап до образование и други основни услуги; зголемена чувствителност и смртност од болести; бездомништво и несоодветно домување; социјална дискриминација и ексклузија, истата се манифестира и во немањето на безбедна околина – тоа е само една од безбедносните димензии на сиромаштијата…

***

  1. 2. Безбедносните импликации на сиромаштијата и социјалната исклученост

…Со учеството на Форумот за безбедност во основањето на Македонската платформа против сиромаштија, се очекува да се придонесе во потврдувањето на општествената оправданост на оваа иницијатива, со укажување, меѓу другото, и на безбедносните импликации од развивањето на појавите на сиромаштијата и социјалната исклученост.

…Што се однесува до безбедносната димензија на овие две негативни општествени појави, конкретно, на безбедносните импликации на сиромаштијата и социјалната исклученост, Форумот за безбедност смета дека се клучни два аспекти:

1.Од аспект на криминолошките и социопатолошките импликации, без разлика дали сиромаштијата во конкретни случаи претставува индивидуална слабост или објективна социјална неволја (што е почест случај), истата претставува, меѓу другото и долгорочен социјален криминоген фактор кој генерира девијантни однесувања поврзани со крминалитетот и социо-патолошките појави. Конкретно, во Република Македонија, врз основа на релевантни криминолошки публикации може да се констатира дека нема емпириски сознанија според кои би се утврдило влијанието на сиромаштијата врз криминалитетот, но врз основа на зголемувањето на обемот на имотниот криминалитет во одредени периоди, во комбинација со тешката економска сосотојба во државата која е присутна подолг период наназад, постојат индикации дека сиромаштијата има значително влијание врз одредени типови на криминалитет во нашата држава.

2. Од аспект на импликациите по човековата безбедност и човековите права, сиромаштијата претставува хронична закана за човекот и човештвото, а следствено на тоа и долгорочна закана за економската безбедност на општествата и државите, па оттука и на вкупната општествена безбедност

25548_109651429045896_100000031175155_233915_354085_s ***

…Врз основа на меѓузависноста помеѓу сиромаштијата, криминалитетот и безбедноста, Форумот за безбедност смета дека со активна и организирана борба против сиромаштијата и социјалната исклученост ќе се придонесе и во вкупната борба против криминалитетот, а и во зголемувањето на човековата-хумана и економска безбедност, а врз таа основа и во зголемувањето на вкупната општествена безбедност, конкретно и во Република Македонија…

…И конечно, врз таа основа, Форумот за безбедност препорача, во Македонската платформа против сиромаштијата да бидат интегрирани и споменатите синтетизирани ставови кои се однесуваат на безбедносните импликации  на појавите на сиромаштија и социјална исклученост…

Скопје, 11.03. 2010 год.

Претседател на Форумот за безбедност

Гоце Аризанкоски

11 марАлманах – Генерација 3

Почитувани,

Ве известуваме дека во тек е подготовка на издавање на Алманах на Генерација 3 последипломски студии на Факултетот за безбедност – Скопје со цел да аплицирате со Ваши трудови од областа на безбедноста (безбедносни, криминалистички, криминолошки и   слични теми).

Трудовите треба да бидат во обем до најмногу 16 страници, изготвени во фонт     Times New Roman со македонска поддршка, проред 1, големина на буквите 12. Кратко резиме на македонски јазик од 150-200 збора, апстракт на коректен англиски јазик од 150-200 збора и клучни зборови. Насловната страна треба да содржи наслов на труд, име и презиме, звање на авторот, име на институција, адреса, број на телефон и e-mail адреса. По можност и Ваша фотографија.

Рокот за доставување на трудот во електронска форма е до 31 Мај 2010 г. Трудовите треба да се испратат во електронска форма на e-mail: forumzabezbednost_mkd@yahoo.com

Од уредувачкиот одбор

07 февКОНКРЕТНИ НАУЧНИ И ПРАКТИЧНИ ОБЛАСТИ КОИ ЌЕ БИДАТ ОПФАТЕНИ СО НАУЧНО-ТЕОРИСКОТО И ОПШТЕСТВЕНО ПРАКТИЧНОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА ФОРУМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Заради остварување на основните цели и задачи на ФБ, а во зависност од конкретните потреби, можности и кадровски потенцијали, ќе се формираат работни тела во форма на секции кои ќе остваруваат научно-теориска и општествено-практична дејност од следните научни и практични области:

- теориско и емпириско истражување на безбедноста;

- криминологија, криминалистика и полициски науки;

- безбедност и заштита на човековите права и слободи;

- право кое ги регулира односите од областа на безбедноста, одбраната и

заштита (казнено право, казнено-процесно право, прекршочно право, управно

право, меѓународно хуманитарно право, меѓународно воено право и.т.н.);

- еколошка безбедност;

- политичка безбедност, надворешни работи и дипломатија;

- економска безбедност;

- воена безбедност, одбрана и воени науки;

- безбедносен манаџмент;

- безбедносна и воена историја;

- социологија на безбедноста;

- тероризам и други облици на политичко насилство;

- безбедност во приватниот сектор;

- безбедносна кинезиологија и

- други научно и општествено оправдани теориски и практични содржини од

областа на безбедноста.

07 февЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ФОРУМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

1. Развивање на научно-теориска и општествено-практична дејност во областа на безбедноста, со цел промовирање на општествените вредности кои се однесуваат на мирот, безбедноста и одбраната, како и промовирање на вредностите кои произлегуваат од функцијата и практичната дејност на институциите од областа на безбедноста.
2. Научно истражување на облиците на загрозување на безбедноста, вклучувајќи го и криминалитетот како посебен облик на загрозување на безбедноста.
3. Остварување на безбедносен консалтинг на владини и невладини организации.
4. Воспоставување и развивање на научна соработка со странски и домашни научно-истражувачки организации од областа на безбедноста и размена на научни и експертски ставови со цел промовирање на општествено-безбедносните вредности и унапредување на мирот и вкупната општетствена безбедност.
5. Соработка и содејство со образовните институции од областа на безбедноста во профилирањето и едукацијата на кадри за извршување на безбедносната и воената професија, како и соработка со агенциите за обезбедување и детективска дејност и службите за обезбедување во правните лица со цел безбедносна едукација.
6. Организирање и транспарентно спроведување на семинари, работилници, дебати, трибини, тркалезни маси и други форми на научни и стручни собири.
7. Иницирање на легитимни и издржани законски и подзаконски промени во легислативата од областа на безбедноста, одбраната и заштитата.
8. Организирање и реализација на проекти со цел развивање на безбедносната култура во сите сегменти од општествениот живот.
9. Организирање на издавачка дејност и изработка на научни и стручни трудови од областа на безбедноста, како и претставување на своите информативни продукти низ печатена и електронска форма.
10. Дејствување во насока на промовирање на вредностите на спортот во функција на безбедноста, развивајќи ја при тоа безбедносната кинезиологија и безбедносната кинезиолошка пракса, вклучувајќи го и промовирањето на вредностите на безбедносната практика на полициските и воените единици за специјални задачи.
11. Врз научна основа, развивање на концептот на безбедност во приватниот сектор и дејноста на приватните агенции за обезбедување и детективска дејност во насока на унапредување на вкупната општествена безбедност.
12. Изработка на проекти кои ќе бидат израз на организирани и научно осмислени предлози за општествено дејствување во насока на превенција на криминалитетот и другите облици на загрозување на безбедноста.
13. Развивање на научни пристапи во превенцијата и спротивставувањето на тероризмот и другите облици на политичко насилство.
14. Научно дејстување во насока на конституирање на безбедносната историја и развивање на воената историја на Република Макединија.
15. Врз научна основа, поддршка и афирмација на вредностите кои произлегуваат од функцијата и практичната дејност на полицијата, армијата, институциите од областа на управување со кризи, заштита и спасување, заштита на класифицирани информации, спречување на перење на пари и финансиски криминал, судската полиција, службите за обезбедување во казнено-поправните и воспитно-поправните устануви, шумската полиција, приватните агенции за обезбедување и детективска дејност и службите за обезбедување во правните лица.
16. Дејствување во насока на подобрување на социјалната безбедност и намалување на безбедносно-загрозувачките импликации на појавите на сиромаштија и социјална исклученост.
17. Развивање на научни пристапи кон решавањето и на други општествени проблеми во Република Македонија кои имаат безбедносна димензија.

07 февDictum factum

На 6ти февруари 2010 година, последипломците од третата генерација на Факултетот за безбедност го формираа Македонскиот форум за безбедност. Нека ни е со среќа идната плодна работа!